Технологија

Злато од Пластика

Со години златото е симбол на пари и моќ. Поради златото се воделе војни, се убивале владетели, но и се освојувале неосвоени региони. Сепак, со годините златото и тоа како изгуби на ексклузивност, но не и на вредност.

Проблемот е во тоа што тешко се доаѓа до златото. Но, група научници од швајцарскиот институт ЕTH од Цирих откри начин како да произведе злато во лабораторија. Нивното злато тежи пет до 10 пати помалку од традиционалното 18-каратно злато и може да се употреби за позлатување накит за да ја задржи својата вредност.

И додека класичната мешавина на 18-каратното злато е направена од 3/4 злато и 1/4 бакар, новото злато е направено од протеински влакна и полимери на латекс за да се создаде матрица во која се заглавуваат тенки плочки од слатни нанокристали. Поедноставно кажано, швајцарските научници создадоа злато од пластика!

Како што појаснува еден од професорите коишто работеле на златото, новото злато ги има сите особини на пластиката и на златото. Лесно е, ако падне на црвста подлога звучи како пластика, но сјајно е како злато и може да се обработува како класичното злато.

Научниците дури откриле и како да го менуваат составот на златото за да ја прилагодат цврстината на материјалот. Така можат да направат какво било злато, дури и во различни бои. Ова пластично злато може да се употребува за накит, но и во електронски уреди како што се смартфоните или телевизорите.

Научниците веќе го имаат патентирано своето пластично злато и целата постапка на изработка, па во иднина ќе можеме да го видиме и во практична примена.

Прикажи повеќе

Слични вести

Close