Живот и Стил

Како да сте среќни на работа

На некои луѓе самата помисла на работата им предизвикува нерасположение и стрес. Тие веднаш помислуваат на милиони незавршени задачи, лоша работна атмосфера или колеги кои озборуваат со злоба. Но, тоа не треба да биде и не е така за други.

Сигурно се прашувате како некои луѓе успеваат секогаш да се оптимисти, мотивирани и среќни на работа? Еве неколку совети како и вие да станете дел од среќните вработени луѓе, кои со насмевка го започнуваат и завршуваат работниот ден.

  1. Мислете позитивно. Навистина е тешко кога сте под стрес и кога над глава ви висат милиони недовршени задачи, да не ги гледате само негативните аспекти на работата. Но, така само ќе го зголемите стресот, а тоа нема да ви помогне полесно да си ги намалите обврските. Фокусирајте се на позитивните страни на вашата работа. Не е важно дали тоа е дружењето со колегите, платата или самата професија. Важно е да го подобрите вашето расположение со позитивно мислење, да имате повеќе енергија, да го избегнете стресот и со тоа да бидете задоволни и среќни на работното место.
  2. Научете повеќе. Ако чувствувате дека не сте доволно стимулирани умствено, запишете се на некој курс, поврзан со вашата професија. Така ќе го заборавите она чувство дека стоите во место со вашето развивање. Ќе научите нови работи и ќе бидете позадоволни од себе си.
  3. Бидете пријателски расположени. Не треба да бидете експерт, за да знаете дека работното време поминува побрзо и позабавно, доколку работите со колеги кои ги почитувате и сакате. Тоа не значи дека мора да станете најдобри пријатели со колегите. Едноставно бидете пријатели на работа и понекогаш надвор од неа, за да создадете пријатна работна атмосфера.
  4. Не озборувајте. Озборувањето ги уништува довербата, пријателството и единството. Тоа создава непријателство, песимизам и ја влошува работната атмосфера. Кога ќе застанете со некој кој озборува, запомнете дека и вие подоцна можете да бидете дел од озборувањата и љубезно одделете се од таквите разговори.
  5. Чувајте ги личните проблеми за себе. Многу е тешко да бидете среќни на работа, ако сте преокупирани со лични проблеми. Исто како што е важно да не мислите на работата кога ќе се вратите дома, така е важно и да ги оставите личните проблеми дома, за да можете да се фокусирате и да бидете продуктивни на работа. Зголемувањето на вашата продуктивност, ќе ви ја зголеми самодовербата, а со тоа ќе бидете позадоволни од себе и посреќни на работа.
  6. Бидете реални. Направете си распоред, кој знаете дека можете да го исполните. Не бидете премногу амбициозни, со тоа што ќе си поставувате невозможни цели. Така само си правите полошо, затоа што ако не ги исполните сите задачи , кои сте си ги зацртале во планот, ќе бидете разочарани.
  7. Социјализирајте се. Ако запознавањето нови луѓе не е дел од вашето секојдневие, најдете начин да го правите тоа. Запознавањето нови луѓе, може да ви донесе и нови идеи, кои да ви помогнат да напредувате на работното место.

    Доколку на вашето работно место нема многу услови за дружење, создадете такви вие. Поканете ги колегите да излезете по завршувањето на работното време или организирајте средба со колегите од друг оддел.

  8. Бидете организирани. Организирајте ги вашите обврски. Кога ќе си направите план за извршување на задачите, ќе знаете што точно ве очекува. Така ќе добиете чувство дека имате контрола над сè, а тоа ќе донесе поголема самодоверба и мотивација.
  9. Наградете се. После секоја добро завршена работа, излезете на вечера со пријателите, купете си нова облека или одете на маникир. Оваа тактика ќе ви помогне сами да се мотивирате и ќе ви го подобри расположението.
  10. Разубавете го вашето работно место. Чувајте си го бирото секогаш подредено. Многу нервоза предизвикува барањето на „игла во слама“. Ако секогаш знаете што каде е, нема да испаѓате во паника за непотребни работи. Ставете неколку предмети на вашето биро, кои ќе ви го подобруваат расположението. Пример: слика од вашите најсакани или некое мало сувенирче од последниот ваш одмор.
Прикажи повеќе

Слични вести

Close