Свет

Изминатата деценија, прогласена за најтопла

Изминатата деценија беше најтопла измерена на Земјата, а 2019 година е втора најтопла година според досегашните мерења, соопштија две американски агенции и специјализирана агенција на Обединетите нации.

Неколку научници тврдат дека годините што следат ќе бидат уште потопли и ќе достигнат рекордни температури. Од 1980-тите, секоја деценија беше потопла од претходната, според Светската метеоролошка организација.

Институтот на НАСА за вселенски истражувања, Националната управа за океани и атмосфера  (НОАА) и Светската метеоролошка организација (СМО), која е специјализирана агенција на ООН, пресметаа дека 2019 година е втора најтопла година откако започнале мерењата пред 140 години. Најтопло било во 2016 година. Пет други тимови на научници се согласија со тоа, врз основа на мерењата на температурата на површината на Земјата.

директорот на Институтот за вселенски студии Годард при НАСА. Гавин Шмит  истакна дека општо гледано, Земјата сега е околу 1,2 Целзиусови степени потопла отколку на почетокот на индустриската ера, што е важно затоа што светските лидери во 2015 година во Париз ја усвоија целта да се спречи Земјата да се затоплува над 1,5 Целзиусови степени во однос на индустрискиот период. Шмит рече дека овие податоци покажуваат дека глобалната цел не може да се постигне.

Националната управа за океани и атмосфера и Светската метеоролошка организација проценуваат малку пониско ниво на затоплување на планетата во однос на индустриската ера. СМО наведува дека просечната годишна температура во светот во 2019 година била 1,1 Целзиусови степени повисока од просечната забележана во пред-индустриската ера (1850-1900).

Секој дополнителен половина степен го зголемува интензитетот или зачестеноста на горештините, невремето, сушите или поплавите, предупредуваат научниците.

Од 2010 година, просечната температура во светот беше 14,7 Целзиусови степени, или 0,8 степени повисока од просечната во 20 век и повеќе од една петтина степен потопла од претходната деценија, која е најжешка од моментот кога се почнати мерењата, според Националната управа за океани и атмосфера (НОАА).

Во  последната деценија имаше осум од 10-те најтопли години . Другите две години меѓу десетте најтопли беа 2005 и 1998 година.

Прикажи повеќе

Слични вести

Close